Новак Ѓоковиќ се враќа на турнирот на кој нема играно –цели пет години! Најдобриот светски тенисер, Ѓоковиќ по неочекуваниот полуфинален пораз на Австралија опен на тенисот ќе му се врати на мастерсот во Индијан Велс, официјално е објавено на сајтот на најдобриот на сите времиња.
Тој се враќа во Калифорнија за првпат по пет години, кога беше елиминиран во третото коло од Филип Колшрајбер. Србинот реши да ги прескокне малите турнири за добро да се одмори пред повторно да заигра следниот месец во САД. Ѓоковиќ пет пати го освојуваше турнирот во Индијан Велс, а последен пат тоа го стори во веќе далечната 2016 година, кога во финалето го декласираше Милош Раониќ.
Актуелен победник на овој мастерс, кој е закажан од 6 до 17 март, е Шпанецот Карлос Алкарас. Ова истовремено речиси сигурно значи дека најдобриот на АТП-листата ќе настапи на мастерсот во Мајами (17-31 март), каде што заедно со Андре Агаси го држи рекордот со шест освоени титули.