Поранешниот англиски и европски првак Ливерпул, по два порази по ред, конечно славеше во Премиерлигата, и тоа против големиот ривал Тотенхем со 2-1.
Дарвин Нуњез во 11. минута го пронајде Мохамед Салах во казнениот простор на Уго Лорис и испрати брз удар со кој ја затресе мрежата на Тотенхем за 1-0.
Тотенхем се обидуваше да дојде до израмнување, но Ливерпул искористи една грешка на лондонскиот гигант и погоди за 2-0, а стрелец на голот повторно беше Салах.
Екипата на Антонио Конте во вторите 45 минути изгледаше многу подобро на теренот и како минуваше времето, така беше сè поблиску до голот на Алисон Бекер, а во 70. минута конечно Хари Кејн ја затресе неговата мрежа по асистенција на Дејан Кулушевски.
Фудбалерите на лондонскиот тим создадоа уште неколку убави шанси во продолжение, а една од најдобрите имаше Ленгле, кој со глава испрати удар над голот на Алисон.
Ливерпул со победата во Лондон се искачи на осмата позиција и има 19 бодови, додека Тотенхем останува на четвртата позиција со 26 бода.