Женската репрезентација на Шведска славеше со убедливи 33-22 против Словенија и обезбеди место во главната фаза на Европското првенство, додека Хрватска со 21-18 беше подобра од Унгарија.
Шведска по пет минути имаше водство од 3-0, но Словенија се врати во игра и набрзо израмни на 3-3, по што следеше голема борба до крајот на првите 30 минути и на паузата Швеѓанките заминаа со 14-13.
Ракометарките на Шведска се разиграа во вториот дел и почнаа да ги казнуваат грешките на Словенија, па до крајот стигнаа до убедливи 33-22.
Најдобра во редовите на Шведска беше Натали Хагман со девет голови, додека Ана Грос беше најефикасна кај Словенија со пет погодоци.
Хрватската репрезентација ја запиша првата победа на ЕП, откако победи со 21-18 против Унгарија, а херој во триумфот беше голманката Теа Пријевиќ која запиша дури 14 одбрани, додека кај стрелците најдобра беше Валентина Блажевиќ со осум погодоци.