Олимпискиот пламен за Зимските олимписки игри во Пекинг, што ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година, денеска беше запален во античка Олимпија, од каде традиционално започнува патувањето до градот домаќин.
Пламенот беше запален кратко по 12 часот по локално време, со сончевите зраци на урнатините на древниот храм на божицата Хера во Олимпија, лулка на Игрите.
Втор пат по ред и трет во историјата на модерните Олимписки игри, традиционалната церемонија се одржа зад затворени врати поради пандемијата на коронавирус, како и за Олимписките игри во Токио.
Присутни беа само претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, претседателот на Грција, Катерина Сакеларопулу, претставниците на грчкиот и кинескиот олимписки комитет и акредитираните новинари.
„Во овие тешки времиња во кои ние сеуште живееме, Зимските олимписки игри во Пекинг ќе бидат важен момент да го собереме светот во духот на мирот, пријателството и солидарноста“, рече Бах.
Церемонијата беше обележана и со инцидент кога тибетски активисти, кои протестираат против кршењето на човековите права во Кина, се обидоа да стигнат до делот каде што се одржа, пренесоа светските агенции.
Се искачија преку оградата и истрчаа кон Храмот на Хари држејќи транспарент „Не за геноцидни игри“. Тие се обидоа да постават тибетско знаме и транспарент пред да бидат уапсени.
Церемонијата се одржа под силно полициско обезбедување.
Тројца активисти беа уапсени и во неделата на Акропол, откако го вееја тибетското знаме и знамето на „Револуцијата во Хонг Конг“, извикувајќи „Бојкотирајте ги игрите“ и „Ослободете го Тибет“.