Аталанта поведе, па Интер дојде до пресврт и сигурно водство, но миланскиот гигант на крајот се тресеше и за бод откако 13 минути пред крајот бергамашите се вратија во мечот, но не најдоа начин како да го сопрат екс-шампионот на свој терен.
Сè почна по 25 минути игра откако Адемола Лукман погоди за водство на Аталанта, но само 11 минути траеше домашната радост пред Џеко со својот прв гол да израмни на асистенција на Лаутаро Мартинез, а 11 минути по стартот на вториот дел Босанецот направи комплетен пресврт со вториот гол по додавање на Федерико Димарко. Хосе Луис Паломино си даде автогол во 62-та минута, па Интер дојде после еден час игра до сигурна предност и на чекор до победата, ама Паломино на 13 минути пред крајот се извади за автоголот со гол за враќање на „божицата“ во мечот.
Сепак до крајот и во седумте дополнителни минути, Аталанта не успеа да дојде до трет гол ида го запре Интер, кој е единствен во лигата досега кој нема одиграно реми – има 10 победи и пет порази. Миланскиот гигант со 30 бода сега е четврти, 11 зад лидерот Наполи, додека Аталанта со третиот пораз во низа, а четврти во последните пет меча, падна на шестото место останувајќи на 27-те бода.
Серија А ќе направи пауза поради Светското првенство, а следното коло е закажано за четврти јануари наредната година.