Барселона во последните четири натпревари од шпанската Ла Лига има само една победа, откако синоќа одигра само реми на гости кај Валенсија (1-1) како потврда за кризата на тимот од Каталонија.
Стратегот Чави Ернандез изјави дека неефикасноста е најголемиот проблем на неговиот клуб оваа сезона, пренесуваат шпанските медиуми.
„Повторно нè мачи истото како минатата недела, а тоа е недостаток на ефикасност. Подаривме два бода. Создадовме доволно шанси за победа, а на крајот освоивме само бод и не сме задоволни. Ова ни беше како финале, поради што бод не е доволен, но ќе бидеме подобри – изјави Чави.
Барселона сега е на третото место на табелата во Ла Лига со 35 бодови, шест помалку во однос на лидерот Жирона, кој има и натпревар помалку.
„Овој недостаток на ефикасност не е нормален, мислам дека е поголем проблем од недостатокот на енергија во одбраната. Време е да бидеме критични кон себе. Жирона, Гранада, Мајорка, неефикасноста е најдобриот опис на нашата сезона досега. Сепак, што се однесува до самата игра, ние сме на добар пат. Соблекувалната е вознемирена и разочарана како што сум и јас, бидејќи одигравме добар натпревар, доволно добар за да победиме, но не успеавме – дополни тренерот на тимот од „Камп Ноу“.
Барса во следното коло од Ла Лига ќе ја пречека Алмерија.