Фудбалерите на Аргентина се сместени во групата Ц на Мундијалот со селекциите на Мексико, Полска и на Саудиска Арабија. Првиот настап ќе го имаат во вторник против Саудиска Арабија, а навивачите на Аргентина се надеваат дека Лионел Меси и друштвото ќе останат на турнирот до крајот и на 18 декември ќе слават во финалето.
Меси го освои светското сребро во 2014 година, а трофејот во Копа Америка минатата година. Веројатно сонува за злато во Катар, но кога зборува за фаворитите на Мундијалот не ја споменува својата Аргентина.
„Сите сме полни со надеж, имаме добар и многу мотивиран тим, но мораме да одиме чекор по чекор. Сите знаеме дека групите на Светското првенство не се лесни“, изјави Меси, кој посочи дека Бразил, Франција. и Англија се „малку над останатите“ репрезентации кои ќе се натпреваруваат во Катар.