Денвер и Далас без првите ѕвезди Никола Јокиќ и Лука Дончиќ се сосема поинакви тимови. Тоа се покажа и на синоќешните дуели во кои овие двајца кошаркари не беа на паркетот, а нивните тимови беа поразени на домашен терен.
Њујорк на гости го совлада Денвер со 106:103, а за тимот од Колорадо ова беше првиот пораз на домашен терен оваа сезона. Победата за Њујорк ја донесе Џејлен Брунсон, кој беше прецизен од линијата за слободни фрлања на 10,5 секунди до крајот. Интересно, ова е прва победа на Њујорк во Денвер од 8 ноември 2006 година. Поради корона вирусот, најдобриот стрелец на тимот, српскиот кошаркар Никола Јокиќ не настапи за Денвер.
Хјустон, пак, го совлада Далас со 101:92 на гости во дербито на Тексас. Дабл-дабл кај гостите забележа Кевин Портер Јуниор со 17 поени и 11 скока, а имаше и осум асистенции, додека Џејлен Грин додаде 17 поени. Далас го одмори најдобриот играч Лука Дончиќ, а најдобар учинок во негово отсуство имаше Тим Хардавеј со 28 поени.
Феникс на свој терен го победи актуелниот шампион Голден Стејт со 130:119, а кај гостите Стивен Кари постигна 50 поени. Бостон ја освои осмата последователна победа совладувајќи ја Атланта на гости со 126:101.