Актуелниот шампион во НБА лигата, екипата на Денвер Нагетс направи херојски пресврт и дојде до победа на гостувањето кај Голден Стејт.
Бранителот на титулата славеше, а херој на дуелот беше Никола Јокиќ кој освен што заврши како најефикасен играч, ја реализира клучната тројка, за победа на неговиот тим. Србинот погоди од речиси половина терен, од тешка позиција, речиси од аут, преку човек и со тоа стави крај на турбулентниот меч во кој Денвер беше пред пораз. Голден Стејт во последната четвртина водеше и со 18 поени разлика (123-105), пред да почне пресвртот кој го круниса Јокиќ. Со серија од 13-0, Денвер се доближи на 118-123, а мечот го заврши со уште една низа, овојпат од 10-0. Последните седум минути им припаднаа на Нагетс со вкупно 25-4.
Јокиќ постигна 34 поени, 10 асистенции и 9 скока, перфектен беше и Гордон со 30 поени и 9 скока, како и Мареј со 25 поени. Кај Голден Стејт, Стеф Кари постигна 30 поени, а Томпсон 24.
Во вториот натпревар од ноќешната програма во НБА, Милвоки како гостин го победи Сан Антонио со 125-121. Јанис Адетокунпо беше убедливо најдобар играч на наѕпреварот со 44 поени, 14 скока и 7 асистенции.