Кошаркарите на Далас маверикс минимално, но заслужено триумфираа на синоќешното гостување кај Денвер нагетс (116-115) во убедливо највозбудливиот и најнеизвесен меч од ноќешната програма во НБА.

Тоа беше своевидна „балканска војна“ на двајцата најдобри кошаркари во регионот, Лука Дончиќ и Никола Јокиќ, која ја доби Словенецот, остварувајќи го 52. трипл-дабл во кариерата. Ѕвездата на „мавси“ средбата ја заврши со 22 поени, 10 скока и 12 асистенции, додека најефикасен во неговиот тим беше Тим Хардавеј со 29 поени. Јокиќ, пак, реализира 19 поени со по осум скока и асистенции, што не беше доволно да се сочува домашниот терен.

 

Интересно е што и на преостанатите две средби што се одиграа ноќеска во најсилната лига на светот, победникот до триумф дојде со идентичен број поени како и Далас – по 116. Кливленд кавалирс беше подобар во дуелот со ЛА Лејкерс (116-102) додека Детроит пистонс како гостин го совлада Мајами хит (116-96).