Ракометната репрезентација на Македонија со 33-30 победи во првиот од двата пријателски натпревари против Грција кои се последните тестови пред заминувањето на Европското првенство во Германија.
Македонија влезе во финалната фаза од подготовките за континенталниот собир кој го започнува од 10. јануари. Во салата „Борис Трајковски“ се одигра првиот дуел против селекцијата на Грција.
Почетниот период им припадна на Грците. Првиот гол го дадовме преку Атанасијевиќ дури во петтата минута кога го намаливме водството на противникот на 2-1. Грција ја одржуваше предноста од два голови разлика, а Митревски првата одбрана ја имаше во 12. минута од дуелот.
Македонија првото водство го имаше во 14. минута од натпреварот. Откако поведовме ја зголемувавме предноста, на одморот нашата репрезентација имаше предност од три гола 18-15.
Доминацијата ја продолживме во најголемиот тек од вториот дел, највисоката предност изнесуваше седум разлика, 26-19. Победата беше обезбедена, па Грците во финишот од мечот успеаа да намалат, на крајот беше 33-30 за Македонија.
Лазаревски со осум гола беше најефикасен во нашата репрезентација, Ненад Костевски постигна шест, Кузмановски пет. Митревски дуелот го заврши со девет одбрани.
Македонија и Грција во петок ќе одиграат уште еден натпревар, но тој ќе биде од затворен карактер. Тоа ќе биде последната проверка пред заминување на Европското првенство.