Осасуна играше против последнопласираната Алмерија во 19. коло од шпанската Примера и ја оправда фаворитската улога, совладувајќи го гостинскиот тим со минимални 1-0 .
Хрватскиот интернационалец, Анте Будимир, го доведе домашниот состав во водство по 24 минути игра, а минималното водство Осасуна го задржа и на полувремето. Фенерџијата во Примера, Алмерија допатува со низа од 21 натпревар без триумф во елитата, а црната серија продолжи и во Памплона.
Гостите ниту еднаш не се обидоа со директен шут во голот да го загрозат голманот Ерера и сосема заслужено се поразени, втор пораз во низа по оној од Барселона (3-2). Осасуна имаше уште неколку солидни прилики за удвојување на водството, но конечниот резултат на крајот остана 1-0.
Домашниот состав стигна до шестиот сезонски триумф и на своето конто има 22 бода, додека за ситуацијата на Алмерија, веројатно сѐ е јасно. „Фенерџијата“ сѐ уште е без триумф и има само пет бода, што веројатно значи скоро сигурен пат во дивизија Сегунда.