Шпанија денеска го објави списокот на фудбалери за Олимписките игри во Париз, а на него го нема најдобриот млад играч Ламин Јамал.
Како што е познато, право на настап на ОИ имаат фудбалери до 23-годишна возраст, плус тројца кои ја надминуваат оваа возрасна граница. Најавено беше дека Јамал ќе се најде во тимот, но на крајот сепак преовлада разумот и одлучено е тој да добие одмор пред почетокот на новата клупска сезона.
Со тоа, Шпанците нема да ја повторат грешката од пред три години со Педри. Фудбалерот на Барселона тогаш имаше неполни 19 години, но откако настапи на околу 40 натпревари за својот тим во текот на сезоната, потоа играше за „фуријата“ на Европското првенство и на Олимписките игри во Токио. Големиот напор се одрази врз неговото здравје и Педри две години се мачеше со повреди поради што лани не забележа ниеден настап за шпанската репрезентација.
Јамал е уште помлад, за десетина дена ќе наполни 17 години и во Федерацијата одлучиле дека е премлад за толку голем напор. Иако тинејџер, тој одигра 50 натпревари за Барселона (голем дел од нив како стартер) плус досега девет за шпанската репрезентација со која го очекува и настап во осминафиналето од Европското првенство.