Фудбалската репрезентација на Брегот на Слоновата Коска се пласира во полуфиналето на Африканскиот Куп на нации, совладувајќи го Мали со пресврт по продолженија со резултат 2-1. „Слоновите“ за пласман во финалето ќе играат против Демократска Република Конго.
Фудбалерите на Мали имаа контрола на стартот од натпреварот, но во 17. минута Адама Траоре не успеа да ја искористи доминацијата на својата селекција и го промаши ударот од единаесет метри. Немоќта на БСК во првиот дел кулминираше во 43. минута, кога Косону доби црвен картон и предвреме го заврши натпреварот.
https://twitter.com/i/status/1753867580475933134Мали бројчаната предност ја искористи во 71. минута кога со фантастичен удар Нене погоди за 1-0. Тој резултат важеше до 90. минута кога Адингра го пронајде патот до противничката мрежа и натпреварот отиде во продолженија. Во дополнителниот половина час, Брегот на Слоновата Коска до големата победа стигна во последните секунди кога Оумар Диаките со пета ја смести топката во голот на Мали и донесе делирум на трибините и полуфинале на својата селекција.
По завршувањето на натпреварот гневните и разочарани играчи на Мали го нападнаа судијата, додека нивниот тренер не се чувствуваше добро и го поливаа со вода. Во полуфиналето Брегот на Слоновата Коска ќе игра против ДР Конго, кој во петокот ја совлада Гвинеја со 3-1.
По поразот од Екваторијална Гвинеја со 0-4 во последниот меч во групата, Брегот на Слоновата Коска практично веќе беше елиминиран, но со чудесен исход во другите групи се пласираше во осминафиналето како четврта најдобро третопласирана репрезентација. Поради лошите резултати го отпушти селекторот Гасет, па во осминафиналето по пеналите го исфрли бранителот на титулата Сенегал и сега во четвртфиналето по нова невидена драма и Мали.