Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ја продолжи серијата без пораз на пет меча откако почна да се формира новата генерација, денеска ремизираше 1-1 на Кипар против домашната селекција во пријателски натпревар.
После две победи со БиХ во јуни, па победа со Албанија и реми со Саудиска Арабија на турнир во Хрватска во септември, Македонија денеска одигра без победник со Кипар во првиот од двата контролни мечеви закажани за месецов. Вториот е за пет дена против Србија со која игравме и во минатиот евроквалификациски циклус.
Оваа серија од пет меча без пораз е добра најава за селекцијата до 21 година и за новата генерација, зашто минатата во евроквалификациите успеа да победи само двапати од десет меча и едвај да освои девет бода во квалификацискиот циклус во кој во поголемиот дел од мечевите бевме безмалку инфериорни и далеку од ривалите.
Капитенот и еден од лидерите на оваа генерација, Марио Илиевски, фудбалерот на унгарска Кишварда беше стрелец на голот за израмнување во 67-та минута, откако претходно Христодулу даде гол за водство на домаќините, во 41-та минута од мечот.