Полската ѕвезда Роберт Левандовски мина осум години и освои осум титули со Баерн Минхен, пред летово за безмалку 50 милиони евра да се пресели во Барселона, што не наиде на почетокот на одобрување кај баварските навивачи, ама сепак тие со аплаузи го дочекаа во вторникот во Минхен на пресметката во ЛШ.
Левандовски летоска додека се крчкаше трансферот дури добиваше и смртни закани, ама на крај трансферот се случи, а навивачите сепак покажаа респект кон човекот кој урна многу рекорди во Германија, запиша импресивни 340 гола, освои и една ЛШ, двапати според ФИФА беше прогласен за најдобар фудбалер…
„Јас сум им благодарен на навивачите во Минхен за начинот на кој ме примија. Не беше лесно, но тие се полни со почит. Тоа ми беше многу важно, како ќе ме дочекаат, зашто јас во Минхен минав осум години. Не беа тоа две-три години, туку еден голем период кој не може така лесно да го заборавите или да го оставите на страна“, рече Левандовски.
Полјакот имаше две извонредни шанси во првиот дел кои не ги реализираше, а Баерн потоа набрзина со два гола ги казни Каталонците за триумф со 2-0.