Бруклин Нетс успеа да надомести  11 поени негатива, па на крај во последна секунда победи во Портланд против Трејлблејзерс со 109-107, во најинтересниот меч синоќа во најсилната кошаркарска лига на светот НБА.

Ројс О’Нил со офанзивен скок на одбиена топка после шутот на Кевин Дурант ја обезбеди победата, но Јута Ватанабе беше човекот што ги врати во живот Нетси, за на крај и да успеат да победат.

Ватанабе беше клучен за серијата од 14-0 за да се стопи предноста на Портланд во последните четири минути од третиот период и почетокот на последната четвртина Во завршницата Дурант можеше да излезе трагичар, зашто во последните 30 секунди прво направи фаул во напад, па промаши едно од двете слободни фрлања, го фаулираше Јусуф Нуркиќ за Босанецот да израмни, а го промаши и последниот шут, кој сепак на крај О’Нил го претвори во победа.

О’Нил мечот на крај го заврши со трипл-дабл со по 11 поени, скокови и асистенции, Ватанабе даде 20 поени (пет од седум тројки), а Дурант беше најефикасен со 35 поени, додека Бен Симонс заврши со 15 поени без промашување и 13 скока. Демиан Лилард даде 25 поени со 11 асистенции, а Сајмон додаде 24 кај Портланд.

Сакраменто Кингс продолжи со одличните игри, па го прегази Сан Антонио Спарс со 130-112, во меч на кој Деарон Фокс даде 28 поени, а Малик Монк 26 поени и најавуваат дека после 16 години овојпат нема да го пропуштат плејофот и ќе го прекинат најдолгиот пост во американските професионални спортови.

Сакраменто тргна со четири порази, но сега е во серија од пет победи во НБА.

ЛА Клиперс со 96-91 славеше против Детроит Пистонс, предводен од Реџи Џексон со 23 поени, а Пол Џорџ и Маркус Морис дадоа по 16, додека Бојан Богдановиќ со 26 беше најефикасен на мечот, но недоволен за Пистонс да победат .