Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со битката за опстанок во АБА-лига, откако по голема борба, како гости, го совладаа Сплит (77-74) и се изедначија по бројот победи со директниот ривал за избегнување на последното место, Борац Чачак.
Аеродромци до првата гостинска победа дојдоа со храбра игра во сите 40 минути, без респект кон противникот, кој сезонава игра фантастично во арената „Грипе“. Се беше во знакот на „металците“, кои ја издржаа и канонадата тројки на Сплит во третата четвртина, ја задржаа предноста, која во неколку наврати беше и двоцифрена и сосема заслужено се радуваа на големиот триумф.
Војдан Стојановски одигра одлично, дуелот го заврши со 16 поени и седум асистенции, додека зад него беше неговиот брат-близнак Дамјан со 13 поени. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште Александар Бурсаќ со 12 поени и Мајк Кефи со 10 поени.
МЗТ има скор 6-19, додека Борац Чачак има 6-18, но и средба против фаворизираната Црвена Звезда в недела на домашен терен. На аеродромци за избегнување на испаѓањето им треба пораз на српскиот тим и на следниот на гости кај Будуќност, како и победа во дуелот против Цибона за една недела во „Јане Сандански“.