Кошаркарите на Денвер Нагетс постигнаа историски успех, со првата НБА титула откако во петтиот натпревар го победија Мајами со 94-89 и ја добија финалната серија со 4-1. Никола Јокиќ беше прогласен за МВП во финалето, а Србинот имаше уште една брилијантна партија.

Никола Јокиќ и неговите соиграчи се новите НБА шампиони, предводени од маестралниот српски центар. Денвер се прошета во плејофот и дојде до најголемиот трофеј.

Мајами даде сѐ од себе за барем да им го одложи славјето, водеше во најголемиот дел од натпреварот, но не издржа во последниот период и не успеа да го продолжи финалето.

Натпреварот беше неизвесен во целиот тек, единствената двоцифрена предност ја имаше Мајами во текот на втората четвртина кога поведе со 39-29. Драматично беше во самиот финиш, „жешките“ имаа предност од 89-88 и тогаш застанаа, следуваше серија од 5-0 за Денвер по која дојдоа до триумфот од 94-89.

Никола Јокиќ со 28 поени и 16 скокови беше најдобар на теренот, во Денвер се истакна и Портер со 16 поени и 13 скокови, Мареј постигна 14 поени. Во составот на Мајами најефикасен беше Батлер со 21 поени, Адебајо имаше 20 поени и 12 скокови.

 

Никола Јокиќ ја доби наградата за МВП во финалната серија, уште едно признание засрпскиот џин кој беше неверојатен во текот на целиот плејоф и најзаслужен за овој историски успех на Денвер.