Манчестер сити синоќа го оствари најголемиот успех во клупската историја и за прв пат стана европски првак, откако во финалето на Лигата на шампиони со 1:0 после тешка борба го победи Интер. Единствениот гол го постигна шпанецот Родри во 68 минута, а по завршување на финалето, тренерот на Сити, Пеп Гвардиола рече дека сега е дојдено времето на неговиот тим.
„Дали ова менува нешто? Дали сега сум попаметен? Дали сум подобар тренер? Што ќе се случеше ако Едерсон не го одбрани тој удар на крајот? Може да зборите што сакате, но најважно е дека сме тука. Не сакаме да ја освоиме Лигата на шампиони и потоа да нѐ снема засекогаш. Мораме константно да бидеме тука, седум-осум години. Дојде нашиот ред, како што можеше тоа да биде пред две години, кога загубивме во финалето. Ако претходно не сме ја освоиле Лигата на шампиони, тоа значи дека противниците биле посилни. Ние сакаме да продолжиме во исто темпо“, вели Гвардиола, кој на шега го „предупреди“ Реал Мадрид.
„Сега сме на 13 титули за да го стигнеме Реал Мадрид. Само уште 13. Реал нека биде внимателен, затоа што доаѓаме по нив. Ако тие заспијат, ќе ги стигнеме“, рече Гвардиола, а потоа продолжи „Шега на страна, не можеме да се споредуваме со нив. Ние дури сега ја освоивме првата титула и не сакаме потоа да нѐ снема. Имало тимови кои ја освојувале Лигата на шампиони, а потоа по една-две сезони ги снемува. Мора да го избегнеме тоа“, заврши шпанскиот стратег.