Севиља против Јувентус, а Баер Леверкузен ќе ја пречека Рома ја формираа полуфиналната шема во фудбалската Лига Европа.

Рекордерот во ова натпреварување, шесткратниот освојувач Севиља, го понижи Манчестер јунајтед со 3-0, првиот натпревар на „Олд Трафорд“ заврши со 2-2, меѓу другото по заслуга на Хари Мегваер. Несреќниот стопер на Јунајтед и овој пат „се истакна“ подарувајќи му ситуација од мерак на домаќинот за да го отвори резултатот во осмата минута.

 

Севиља постигна гол и за 2-0, преку Окампос во 41. минута, но беше поништен поради офсајд за „милиметри“. Сепак, по само две минути во вториот дел Баде постигна гол со рамо, по корнер на Ракитиќ, а да не биде покусо од Мегваер, се изглупира и Де Хеа. Во 81. минута истрча далеку од својот гол, реагираше лошо пред Ен Несири, а Мароканецот го постигна третиот гол во ЛЕ оваа сезона.

Ова е седми пат Севиља да игра четврт-финале и седми пласман во полуфиналето од ЛЕ или Купот на УЕФА. Таму ќе се сретне со Јувентус, кој одолеа во Лисабон и застана на 1-1. Рабио постигна гол за водство уште во деветтата минута, Едвардс од пенал изедначи во 20. и резултатот остана непроменет. Поради триумфот од 2-1 во Торино, Јуве продолжува понатаму.

Најубедлив беше Баер Леверкузен, кој со 4-1 победи на гости кај белгиската сензација Унион Ројал, откако првиот меч во Германија заврши 1-1. Тој ќе оди на дуел со Рома, на која не и беа доволни 90 минути во Рим за победник, бидејќи калчолигашот имаше 2-1, доволно само да го анулира поразот од 0-1 во Ротердам, но по продолженијата успеа да ги елиминира Холанѓаните.