Црна Гора нема да се бори за европското злато во женскиот ракомет, бидејќи вечерва во полуфиналето против Данска беше поразена со 23-27.
Иако отворија фуриозно и водеа со 6-3 по само осум минути игра, Црногорките немаа константност, па набргу настапи кризен период во првото полувреме, во кој не постигнаа гол цели 10 минути. За тоа време Данска го сврте мечот и поведе со 8-6. Не одеше лесно стабилизацијата на Црна Гора, осцилираше од два до четири гола негатива, а на пауза Данките заминаа со 14-10.
Вториот дел почна во сличен стил како првиот, со одличен влез на Црна Гора и изедначување на 14-14, но свежината кај Данките дојде до израз. Ротацијата придонесе Црна Гора да наиде на тврда одбрана и да не постигне гол нови осум минути, што беше доволно за Данска одново да се дистанцира на 17-14 во 45. минута. Предноста порасна и до највисоки пет разлика, а Црна Гора не успеа да се врати.
Фрис со седум гола и Хојлунд со шест ја носеа Данска во финале, а Јауковиќ и Грбиќ имаа по седум за Црна Гора. Данска ќе игра за четвртото европско злато во шестото финале, но прво по 2004 година. Црна Гора нема финале од 2012, кога беше првак на Европа, а ќе се обиде да се задоволи со бронза, во мечот за трето место против поразената од Норвешка – Франција.