Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е првиот финалист на завршниот мастерс во Торино, откако во полуфиналето по голема борба и два тај-брејка го совлада Американецот Тејлор Фреиц (7-6, 7-6).
Тоа беше гладијаторска пресметка буквално за секој поен, во кој двајцата тенисери направија по еден брејк во секој од сетовите. Во првиот, популарниот Ноле прв му го одзеде сервисот на противникот и тоа во петтиот гем за водство 3-2, но за жал на неговата публика не успеа да го потврди бидејќи Американецот врати на идентичен начин. Речиси идентично беше и во тај-брејкот, кога Србинот прв направи мини-брејк за 3-2, а Фриц веднаш врати за 3-3, па клучен момент беше вториот мини-брејк на Ѓоковиќ за конечни 7-5.
Американскиот тенисер одлично го почна вториот сет и веднаш му одзеде сервис на големиот противник, кој дури во десеттиот гем дојде до првата шанса за рибрејк, која веднаш ја искористи. Во вториот тај-брејк почесто се одземаа сервисите, но еден од најдобрите тенисери на денешницата ја искористи втората меч-топка за пласман во финалето.
Негов противник во утрешниот дуел за трофејот и богатата награда ќе биде победникот од вечерашната пресметка помеѓу Каспер Руд и Андреј Рубљов.