Лидерите на рускиот тенис и пратениците во Думата реагираа на најавата дека нивните и белоруските тенисери ќе добијат забрана за учество на Вимблдон.
Бројни светски медиуми, пред се Њујорк Тајмс, објавија дека челниците на Вимблдон наскоро ќе излезат со официјално соопштение за забраната. Причината за забраната е „руската инвазија на Украина“. Претседателот на Тениската федерација на Русија, Шамил Тарпишчев изгледа веќе има информации дека веста е вистинита.
„Не можеме ништо да направиме. Мислам дека таквата одлука е погрешна, но ништо не може да се смени, нашата тениска федерација веќе направи се што е во нејзина моќ. Не сакам да зборувам на оваа тема, се што ќе кажам може да оди само на штета на спортистите. По моите зборови, за нив може да биде само полошо. Работиме на оваа ситуација, само тоа можам да кажам“, изјави Тарпишчев за „Спорт експрес“.
Се огласи и официјален Кремљ
„Самото натпреварување ќе трпи поради отстранувањето на руските тенисери. Со оглед на тоа што Русија е силна во светот на тенисот, нашите тенисери се на врвот на светската ранг-листа, самата конкуренција ќе претрпи удар поради оваа одлука.Неприфатливо е наште спортисти да бидат жртви на политички интриги и непријателски дејствија кон нашата земја“, изјави портпаролот Дмитриј Песков.
Пратеникот од Думата, Дмитриј Свишчев, во моментов е на чело на Комитетот за физичка култура и спорт на Думата.
Реагирајќи на веста од Вимблдон, тој рече дека одлуката е мотивирана од „парите и политиката“.
„Велика Британија е позната по своите антируски изјави и ставови, не само денес, така било отсекогаш. Сега гледаме целосна хистерија против спортистите. Свесни сме дека Меѓународната тениска федерација во основа им дозволува на нашите тенисери да учествуваат под ИТФ знамето. Друга работа е Вимблдон , најстариот турнир во светот, тие живеат според нивните правила и принципи. И двете одлуки немаат врска со спортот. Се работи за политика и пари. Тоа е она што владее со Вимблдон“, изјави тој за РИА Новости.
Сеуште нема најава кога би можела да биде објавена официјалната одлука на Вимблдон. Во моментов, 12 тенисери од Русија и Белорусија се меѓу 100-те најдобри на АТП и ВТА листата.