Најуспешната македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, конечно, го прекина постот на турнирите во поединечна конкуренција и освои титула првпат по, речиси, точно три години.
Ѓорческа е победничка на фјучрс-турнирот во Ираклион, Грција, вреден 25.000 долари. Во финалето, претпладнево таа беше подобра од Романката Мирјам Бјанка Булгару со 6-3, 6-4.
Булгару, која е 281. на ВТА-листата (14 позиции погоре од Ѓорческа), не можеше воопшто да парира во првиот сет, откако македонската тенисерка отвори со 3-0 и 5-1. Вториот таа го почна со брејк и водство од 2-0, но Ѓорческа успеа да направи пресврт. Викендов во Ираклион можеше да биде перфектен, ако вчера Ѓорческа го освоеше и финалето во двојки, но таму беше поразена со својата партнерка, Деа Херѕелас.
Ова е прва титула на Ѓорческа по, речиси, три години. Последната ја освои во Анталија, на 1 декември 2019. Вкупниот број на сингл-титули на Ѓорческа сега е 12, меѓутоа оваа е само трета од турнирите со ознака W25, односно со награден фонд од 25.000 долари, што подразбира и посилна конкуренција.