Светското првенство во фудбал беше отворено со натпреварот меѓу Катар и Еквадор. Еквадор забележа заслужена победа од 2:0 со головите на Енер Валенсија, а домаќинот целосно разочара во меч во кој главно беа целосно немоќни.

Без разлика на се што направија во Катар за да бидат што поконкурентни на овој Мундијал, разликата во квалитет не беше лесно да се сокрие. Очигледно беше дека Еквадор е многу подобар тим, Катар не импресионираше и стана првиот домаќин на светските првенства што загуби на воведниот меч.

Катар се обиде да направи нешто повеќе, создаде неколку закани, но целосниот впечаток и на крајот резултатот беа на страната на Еквадор.

Веќе во третата минута Еквадор го прослави првиот гол. Многу лоша реакција на катарскиот голман кој двапати заплива во празно откако топката беше нафрлена од прекин во 16 метри, на крајот Торес нафрли од волеј на главата на Енер Валенсија кој погоди од непосредна близина.

По долго размислување голот не беше признат бидејќи половина од стапалото на Естрада беше во офсајд на почетокот на акцијата додека топката доаѓаше на 16 метри .

Сепак, во 15. минута Еквадор имаше нова шанса за гол. Енер Валенсија ја прими топката во 16 метри, го мина голманот, а овој го собори и немаше дилема, удар од белата точка. Го изведе Валенсија и погоди за 1:0.

Иако до 31. минута немаше нови можности, Еквадор целосно ја контролираше играта и ја чекаше ситуацијата за уште еден гол. Стигна по половина час игра, Каиседо беше со топката на десната страна, му ја врати на Пресијадо кој одлично нафрли за Валенсија, тој им избега на невнимателните чувари и со фантастичен удар со глава ја испрати топката во долниот агол за 2:0.

Во самиот финиш на првиот дел одлична можност за Катар. Во петтата минута од судиското надополнување, одличен центаршут во средината каде што Алмоез Али беше апсолутно сам, топката му дојде на глава, но тој не ја фати добро.

Во вториот дел продолжи контролираниот настап на Еквадор кој не трошеше премногу енергија и мирно ја задржа предноста.

Имаше неколку прилики да ја зголеми предноста, особено онаа на Ибара кој одлично шутираше, но домашниот голман го одбрани.

Домашните се заканија во 62. минута, по центаршут во 16 метри, Мигел Педро се уфрли од втор план и шутираше со глава но непрецизно, а малку подоцна и Алмоез Али кој не успеа да ја испрати топката во мрежата. Уште еден обид имаше и Мунтари, но ниту тој не постигна гол.

На крајот, заслужена победа за Еквадор, кој во пресрет на уште потешки натпревари во продолжението од првенството, допрва ќе ја чека ситуацијата со Валенсија во наредните денови, кој постигна два гола, но и го напушти теренот поради полесна повреда.

https://www.dailymotion.com/video/x8fokaw