Баер Леверкузен извојува нов триумф во Бундеслигата, денес на гостувањето кај Келн со 0-2 и со цврсти чекори ита кон титулата во Бундес лигата. Натпреварот од 24. коло донесе одлична игра на Баер, а „јарците“ немаа одговор за мотивираниот тим на Чаби Алонсо.
„Фармацевтите“ уште во првото полувреме дојдоа во водство со голот на Џереми Фримпонг во 38. минута. Екипата на Келн рано остана со играч помалку, откако исклучување заработи Јан Тилман уште во 14. минута.
Гоститите потполно ја презедоа иницијативата во второто полувреме, а фудбалерите на Келн беа како загубени. Тоталната доминација на Баер резултираше со втор гол во мрежата на домаќините, а стрелец овој пат беше Алехандро Грималдо, кој зголеми на 0-2 во 73. минута и воедно го постави конечниот резултат на овој натпревар.
За Баер Леверкузен ова е дваесетти сезонски триумф и со крупни чекори ита кон првата титула во Бундеслигата, додека Келн останува на само седумнаесет бода и ја зазема првата позиција од опасната зона. „Фармацевтите“ имаат огромна предност од десет бодови пред второпласираниот Баерн Минхен.