Манчестер Сити го совлада градскиот ривал Манчестер Јунајтед после пресврт со 3-1 во пресметката на „Итихад“. „Црвените ѓаволи“ имаа сили за едно полувреме и водство по првиот дел со голот на Маркус Рашфорд, но потоа се вклучија Фил Фоден и Ерлинг Халанд и направија целосен пресврт.
Рашфорд во осмата минута постигна прекрасен погодок откако испрати проектил кон мрежата на Едерсон од 25 метри.
Халанд во финишот на првото полувреме промаши од позиција од која е речиси невозможно, испраќајќи ја топката над голот од два метри далечина од гол-линијата.
Но, во второто полувреме Сити беше тимот кој доминираше. Во 56.минута Фил Фоден постигна уште поубав гол, со силен шут од далечина, а во 80.минута се погрижи и за пресврт.
Во судиското продолжение, Ерлинг Халанд се „извади“ за големото промашување и погоди по големата грешка на Амрабат.
Сити е на втората позиција со 62 бодови, односно еден помалку од Ливерпул, додека Јунајтед е на шестото место со 44 бода.