Екипата на Атлетико Мадрид триумфираше против Бетис со 2-1, а шпанскиот напаѓач Алваро Мората испиша историја во шпанската Ла Лига.
Силва во осмата минута си постигна автогол за водство на тимот на Диего Симеоне, по што Мората изнуди пенал, тој го шутираше но го промаши. Сепак, во завршницата од полувремето погоди за 2-0 и така стана првиот фудбалер во лигата сезонава кој изнудил и промашил пенал, а потоа постигнал гол во ист меч.
Бетис внесе неизвесност во натпреварот со голот на Карваљо кој беше стрелец за 1-2 во 62. минута, но Атлетико до крајот на мечот не дозволи да го прокоцка водството и оствари триумф.
Португалецот Вилијам Карваљо постигна прекрасен гол од триесетина метри и погоди за 2-1. Гостите од Андалузија се понадеваа дека би можеле да дојдат и до израмнување, но „јорганџиите“ искусно го приведоа натпреварот кон крајот и славеа со конечни 2-1.
Екипата на Виљареал без поголеми проблеми славеше над Гранада со убедливи 5-1 и ја продолжи низата од седум натпревари без пораз во шпанскиот фудбал. Домаќините водеа со огромни 4-0 уште по првите 45 минути, а до крајот само го потврдија започнатото и стигнаа до 32. бод сезонава. Гранада продолжува да тоне кон Сегунда и останува на само 14 бода, доволни за претпоследната позиција на табелата.