Еквадор и Холандија ремизираа 1-1, но се чини дека Јужноамериканците прикажаа многу повеќе и можеби заслужија и триумф. Сепак, Холандија во третото коло игра против домаќинот Катар и има план со убедлив триумф да го освои првото место во групата.
Коди Гакпо по само пет минути и четири секунди го постигна најбрзиот гол досега на Светското првенство откако упати силен шут од 16 метри. Но, тоа како да беше се од Холанѓаните за цел меч.
Еквадор полека се врати во игра, пред крајот на првото полувреме постигна гол кој не беше признат поради офсајд, а потоа Енер Валенсија успеа да израмни во 49.минута.
Еступињан шутираше силно, холандскиот голман одбрани и ја одби топката, а налета Енер Валенсија и ја затресе мрежата. До крајот, Еквадорците бараа и победа, а Холандија се чини дека разочара со својот пристап.
За Валенсија ова беше третиот гол на пренството или шести во серија за својата селекција на мундијалите. Шест голови постигна Еквадор и сите шест се дело на Енер Валенсија.
Во финишот на повреда се пожали најдобриот стрелец во досегашниот тек од Мундијалот, кој беше повлечен од теренот.