Најдобриот македонски тенисер во моментов, Калин Ивановски, остана без пласман во полуфиналето на турнирот од фјучерс-серијата во Мадрид, откако во денешното четврт-финале во два сета загуби во пресметката со домашниот претставник Жорда Санчиз.
Македонецот со брејк го почна мечот, но веднаш го загуби својот, па во петтиот и шестиот гем имаше одново два брејка по ред, но овој пат прв тоа го стори Шпанецот. Ивановски, за жал, не успеа да го задржи последниот сопствен гем (5-7). Вториот сет веќе не беше толку драматичен со оглед што Калин остана без енергија, што Санчиз го искористи да слави со 6-2.
Ивановски попладнево ќе одигра уште еден меч во Мадрид и тоа во полуфиналето во двојки, во кое заедно со сонародникот Марковски ќе ги одмери силите со холандската двојка Понтјодикромо-Дондерс.