Јасин Боно е јунак на Мароко со два одбранети пенали од трите промашени на „црвената фурија“. Пабло Сарабија ја погоди стативата, а на Карлос Солер и Серхио Бускетс им ги одбрани ударите од белата точка мароканскиот голман. Сабири, Зијеш и Хакими ги погодија пеналите за пласман во четвртфинале, додека Бенун единствен промаши.
Мароко одигра храбро против големиот фаворит, имаше свои шанси и да победи, имаше и среќа откако во 120+2-та минута, Сарабија погоди дирек во најопасната шанса на Шпанците, кои за два часа освен голем посед на топката не знаеја како да го скршат жилавиот, тактички перфектниот и дисциплиниран противник.
Шпанците после Русија повторно испаѓаат во осминафинале на СП и уште еднаш разочарувачки си заминуваат од најголемиот фудбалски турнир, иако како и секојпат доаѓаат како едни од главните фаворити за трофејот.
Мароко сега го чека победникот од вечерашната пресметка меѓу Португалија и Швајцарија за четвртфиналето во сабота.