Кошаркарите на Реал Мадрид и на Монако синоќа одиграа фантастичен меч, кој заврши со триумф на гостите по едно продолжение, а до кое дојдоа со тројката и дополнително слободно на Мајк Џејмс на неколку секунди до крајот, но сето ова остана во втор план во однос на стравичната повреда на гостинскиот играч, Џордан Лојд.
На само 6,8 секунди до крајот на последната четвртина, Американецот во обид да дојде до топката налета на лактот на Гершон Јабуселе по што падна како покосен и остана да лежи на паркетот со раскрвавено лице. Тој по неколку минути на болнички носилки беше изнесен од салата и тоа со маска за кислород на лицето, како доказ дека повредата воопшто не била наивна.
Ова е втор кошаркар на Монако кој на два меча по ред поради тешка повреда го напушта паркетот, по сонародникот Џон Браун, кој на неодамнешниот дуел со Асвел на минута до крајот на сличен начин беше изнесен од теренот.