Кошаркарите на Денвер нагетс во неизвесен и возбудлив дуел, како гости, го совладаа Портланд трејлблејзерс (121-120) во меч од синоќешната програма во НБА.
Најзаслужен за триумфот на „нагетси“ беше Никола Јокиќ, кој беше на микроскопски чекор до трипл-дабл со 33 поени, 10 скока и девет асистенции и кој буквално си поигруваше со Босанецот Јусуф Нуркиќ во директната балканска „војна“ на паркетот. Но, улогата на херој му припадна на Џамал Мареј, кој ја погоди победничката тројка буквално со звукот на сирената. Тој средбата ја заврши со 21 поен, додека најефикасен кај домаќинот беше Лилард со 40 поени.
Мајами хит, пак, ја доби пресметката со ЛА Клиперс (115-110), за што беше најзаслужен Адебајо со 31 поен и 10 скокови, додека кај гостите најдобар беше Пол Џорџ со 29 поени. Во последниот меч од синоќешната НБА-програма, Сан Антонио спарс стави крај на низата од 11 порази по ред совладувајќи го Хјустон рокитс (118-109).