Најтрофејниот македонски клуб Вардар со 11-та победа во 15 меча есенва ја заврши оваа полусезона после денешниот триумф со 2-0 против Кожув за да презими на позициите кои водат директно во Првата лига.
На која позиција Вардар ќе заврши ќе се знае утре после мечот Гостивар – Караорман, али со есенска круна или како второпласиран, но црвено-црните кои сѐ уште се во турбулентен период поради финансиските проблеми, на пролет ќе тргнат во атак за враќање во елитата од позиција која им носи сигурен пласман и со две од трите директни дербија кои ќе ги играат дома (со Гостивар и Пелистер), а ќе ѝ гостуваат на Воска Спорт во Охрид.
Дарко Мицевски со гол во 20-та минута ја најави денеска победата, а печат стави по еден час игра Кире Маркоски, па Вардар барем на 24 часа сега е лидер со два бода повеќе од Гостивар, кој е единствениот без пораз во оваа есен во второлигашката конкуренција. Вардар есента ја завршува со 11 победи, три ремија (Детонит, Беласица и Пелистер) и еден пораз (Гостивар).
Последното есенско второлигашко коло се игра утре со мечевите Беласица – Охрид, Беса – Локомотива Пехчево, Каменица Саса – Пелистер, Слога Виница – Детонит, Тетекс – Арсими и Воска спорт – Борец.
Ако победат Воска и Пелистер што е за очекување, Вардар во пролетниот дел од сезоната ќе тргне со два бода пред охриѓани, а шест пред битолчани како два директни конкуренти покрај Гостивар во трката за првите две позиции за Првата лига.