Димитриевски во последниов период објави дека одбил низа понуди, особено минатата година, зашто сакал да остане „пчеличка“ и дека актуелниот клуб му ги исполнил сите соништа, па сега во ситуација кога малиот мадридски тим е во зона и за елитната Лига на шампиони, ни на крај памет не му доаѓа да размислува за заминување.
„Јас сум фокусиран исклучиво на Рајо Валјекано, на оваа сезона и плус имам важечки долгорочен договор со Рајо. Сакам да остварам големи успеси со овој клуб и да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин. Ништо друго не ме интересира, никакви понуди“, вели Димитриевски.
Македонскиот голман во моментов е втор најдобар чувар на мрежата според „Марка“, рангиран од најугледниот шпански весник врз база на перформансите за трофејот „Замора“ за најдобар голман во Ла Лига, веднаш зад белгиската ѕвезда Тибо Куртоа, чуварот на мрежата на најтрофејниот клуб и лидер во првенството, Реал Мадрид.
Димитриевски неодамна стигна до 100 меча во дресот на Рајо и посака најмалку уште сто за овој мадридски клуб.