Напаѓачот на Португалија, Гонсало Рамош, е цел на Манчестер Јунајтед како можна замена за Кристијано Роналдо, пренесува „Manchester Evening News“. Напаѓачот на Бенфика уште пред почетокот на Светското првенство во Катар го привлече интересот на „црвените ѓаволи“, но таму дополнително импресионираше со своите настапи.
Рамош се сметаше за алтернатива на Коди Гакпо од ПСВ Ајндховен, кој досега важеше за цел број еден на клубот од „Олд Трафорд“. Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, веќе потврди дека клубот ќе бара офанзивни засилувања за да го замени Роналдо.
„Ќе направиме се што можеме за да го добиеме вистинскиот играч“, изјави холандскиот стручњак, но одби да зборува за конкретни имиња.
„Не можам да зборувам за конкретни играчи. Никогаш не би го направил тоа. Играчите имаат договори и јас го почитувам тоа. Ако се појави добра можност, ќе направиме сѐ да ја искористиме“, заклучи Тен Хаг.