Во првиот натпревар од 15. коло на англиската Премиер лига, Вест Хем го победи Челзи по пресвртот во лондонското дерби – 3:2 (1:2).
Но, се чинеше дека нема да биде така на почетокот, бидејќи Челзи уште од самиот почеток ги контролираше случувањата на теренот и тоа го наплати во 28. минута кога поведе преку Тијаго Силва.
„Чеканите“ се разбудија и веќе во 40. минута дојдоа до пенал кој во гол го претвори Мануел Ланцини во израмнување.
Сепак, до крајот на полувремето Челзи повторно дојде до предност бидејќи на минута пред одморот од волеј погоди одличниот Мејсон Маунт.
Во продолжение Вест Хем целосно се ослободи и почна посилно да притиска против фаворизираниот ривал, а во 58. минута стигна ново израмнување.
Стрелец беше Џарод Бовен, кој на убав начин го совлада Едуардо Менди.
Во 75. минута истиот играч ја пропушти златната шанса да донесе пресврт, но задоцни милисекунда да го искористи додаваето на Антонио од десната страна.
Сепак, тоа дојде во 87. минута и спектакуларниот момент на одлука.
Никој не очекуваше дека Артур Масуаку ќе шутира речиси од аут-линијата по левата страна, топката го зафати Лофтус-Чика и заврши крај поблиската статива на Менди.