Светскиот вицепрвак во вторник навечер ќе се судри со Лионел Меси и Аргентина во битка за второ финале по ред на Светските првенства, но „коцкестите“ ќе играат против една голема традиција која досега никој не успеал да ја урне кога станува збор за „гаучосите“.
Аргентина има две светски титули и три загубени финалиња, но тоа што е предизвик за Хрватска е да им ја прекине непобедливата серија во полуфиналните мечеви, зашто досега во четири вакви класични полуфиналиња – никогаш не загубиле.
Аргентина првото класично полуфинале го играше на првото СП во Монтевидео во 1930 година кога го разнесоа САД со 6-1, за во финалето да загубат од домаќинот Уругвај. Второто полуфинале го играа во 1986 година против Белгија кое го добија со 2-0 со два гола на Диего Марадона, за да ја освојат светската круна, втората за нив.
Во 1990 година преку домаќинот Италија на пенали стигнаа до финалето, откако претходно на пенали ја победија и Југославија, за да го загубат финалето од Германија со 0-1, а во 2014 година повторно на пенали поминаа во финале, сега преку Холандија и повторно до титулата ги запре Германија, пак со минимални 1-0, но сега по продолженија.
На потег е Хрватска оваа традиција на Аргентина да ја урне, која во 1978 година ја освои првата титула, но тогаш немаше ваков класичен формат на нокаут-фаза, туку финалето се изборуваше преку групи.