Женската штафета на Австралија во трката на 4х100 метри дојде до златниот медал во првиот ден од Светското првенство во 25 метарски базени и тоа со нов светски рекорд.
На собирот на најдобрите во Мелбурн тие патеката ја испливаа со време од 3:25, 43 минути, што е за повеќе од една минута подобро време од претходниот рекорд на Холандија во 2014 година (3:26,53). Најзаслужна за триумфот беше Кајли Мекион, актуелната олимписка шампионка на 50 и 100 метри слободно, која последниот дел го исплива со неверојатни 49,96 секунди. Таа со неверојатната последна делница ги престигна Американките, кои водеа во текот на целата трка. Штафетата на САД го освои среброто, а бронзата им припадна на Канаѓанките.
Светски рекорд во истата дисциплина во машка конкуренција постави штафетата на Италија, кои со време 3:02,75 минути го подобрија рекордот на САД од пред четири години (3:03,03). Уште едно злато на Италијанците им донесе неверојатниот Грегорио Палтриниери на 1.500 метри слободно, кој славеше со резултат 14:16,88 минути. Австралијката Лани Палистер освои злато на 400 слободно пред Новозеланѓанката Ферведер и Американката Леа Смит.
Кејт Даглас (САД) во дисциплината 200 метри мешано се искачи на највисокото скалило на подиумот со американски рекорд од 2:02.12, додека кај мажите во истата дисциплина победи Мајту Сеитес од Јужна Африка, со нов рекорд на Африка 1:50,05 минути.