Хрватска и Аргентина ќе се судрат вечерва од 20 часот во првото полуфинале на СП во Катар за пласман во големото неделно финале и за „гаучосите“ ова е петто полуфинале (два трофеи во 1978 и 1986), додека Хрватите ќе го играат третото во својата историја (бронза 1998, сребро 2018).
Аргентина до полуфинале дојде во епската тричасовна битка со Холандија, во многу тензичен меч кој имаше и „трето полувреме“ со пцости и недолично однесување, додека Хрватите направија сензација со елиминацијата на најголемиот фаворит Бразил. И двата полуфиналисти до меѓусебниот меч дојдоа после – пенал-рулетот.
Шпанскиот новинар Хуанма Родригез од многу популарниот „Ел Чирингито“ отиде најдалеку во осудата на Аргентинците за своето однесување на пресметката со Холандија која донесе рекордни 17 жолти и еден црвен картон.
„Цел свет ќе навива против Аргентина. Аргентинците го свртеа светот против себе и сега тие не играат против Хрватска, туку против остатокот на светот. Моја желба е Хрватска да им даде четири гола. А, ако Аргентинците имаат среќа да поминат во финале, тогаш Франција нека им даде шест гола. Тоа што тие го прават не е фудбал и никој не може и не смее да ги брани за тоа што го прават. На крајот, постои карма и таа ќе се сврти против Аргентина“, рече Родригез.