Хрватска по трет пат во својата историја ќе игра полуфинален дуел на еден Мундијал. Првиот се случи со нивната генерација во 1998 година на турнирот во Франција кога токму од домаќинот беа поразени со 2:1. Франција потоа и го освои тој турнир, исто како и оној во Русија пред четири години. Тогаш Хрватска го мина полуфиналето со Англија, но немаше сила за финалниот чекор.
Сега, „коцкестите“ веруваат во старата изрека „трета среќа“ со која би го поминале големиот фудбалски гигант во името на Аргентина.
Таа пак со сиот товар и бреме на огромен фаворит, со тежината на Лионел Меси и неговиот дефинтиивно последен Мундијал во кариерата, секако дека пред себе има сериозен предизвик. Предизвик кој вели дека едноставно се мора и поради шансата која не смее да се пропушти и поради одмазда.
Одмазда која се помни веќе четири години од поразот од Хрватска токму на Мундијалот во Русија и она понижување кое им се случи на „Гаучосите“.
Вистинка епска битка следува во Доха попладнево. Лука Модриќ можеби не е Лионел Меси, но е освојувач на Златната топка и легитимен претендент да ја подигне „Божицата“ на крајот од Мундијалот.