Селекторот на Мароко, Валид Рагреги во пресрет на историското полуфинале утревечер со Франција од 20 часот на СП во Катар изјави дека неговата селекција е решена да дојде до светската титула и дека верува во квалитетот и потенцијалот на своите избраници.

Мароко е сензација на овој Мундијал, заедно со Хрватска се двете селекции кои немаат пораз во досегашниот тек, а откако ја освоија групата во која беа „коцкестите“, Белгија и Канада, потоа ги елиминираа Шпанија и Португалија за историско полуфинале, прво за некоја африканска селекција.

Франција е најголемиот предизвик сега за Мароканците и Рагреги, зашто ги чека актуелниот светски првак со извонредниот тим предводен од Килијан Мбапе, Оливие Жиру…

„Играме против актуелните светски прваци, имаат сјајни играчи, плус најдобриот селектор на светот. Но, веруваме дека можеме да ги поминеме. И зошто да не веруваме дека можеме да го освоиме Мундијалот? Може да речете дека сум луд, ама јас сакам да го освоиме СП. Сигурен сум дека и нашите навивачи ќе ни помогнат. Јас ја сакам мојата земја и моите играчи не се уморни, иако луѓето велат дека ова е нашиот максимум“, вели Рагреги.

Иако Франција има извонредни офанзивни оружја, цел фокус е на Килијан Мбапе, кого ќе го чува неговиот клупски другар Ашраф Хакими.

„Ако некој го знае Мбапе подобро од мене тоа е Хакими. Нема никаква специјална тактика, зашто Франција не е само Мбапе, или само Гризман, само Дембеле… Тоа ќе биде извонреден дуел на Мбапе и Хакими“, вели Рагреги.