Уште пред десет дена беше јасно дека најголемиот светски клуб Реал Мадрид договори ново бразилско чудо од дете. Ендрик од Палмеираш денеска доби официјална потврда, откако бразилскиот великан и „кралскиот клуб“ објавија дека младиот напаѓач доаѓа на „Сантјаго Бернабеу“ во јуни 2024 година.
После Винисиус Жуниор и Родриго, кои во изминатиов период како два големи таленти дојдоа во Реал и одиграа многу важна улога во последната европска титула, „кралскиот клуб“ го договори новото чудо од дете, Ендрик кој ги остави без зборови сите во најфудбалската земја на светот, па дури имаше и напади кон селекторот Тите зошто не го земал на Светското првенство во Катар, каде „кариоките“ испаднаа во четвртфиналето.
Ендрик во Реал ќе дојде во јуни 2024 година, за година ипол отсега откако ќе стане полнолетен, зашто според бразилските закони не може да ја напушти земјата пред да наврши 18 години.
Палмеираш објави дека сумата за која е продаден Ендрик е деловна тајна, но медиумите веќе шпекулираат дека Флорентино Перез ќе исплати 60 милиони евра за трансферот.
„Ова е најголемиот трансфер-бизнис во историјата на бразилскиот фудбал, зашто понудата од Реал Мадрид беше најдобра за талентот на Ендрик, но се поклопи и со спортските и финансиските цели на клубот откако ги започнавме преговорите“, објавија од Палмеираш.
Експресна потврда дојде и од Реал со објавата дека е официјално договорен трансферот со Бразилецот.