Загрепски Динамо одлично ќе заработи после чудесниот настап на својот голман Доминик Ливаковиќ, кој со фантатстичните настапи енормно си ја зголеми цената, па сега „сините“ ги чека дебела заработка во моментот кога ќе решат да го продадат чуварот на мрежата.
Ливаковиќ против Бразил имаше 10 интервенции, седум во својот петерец, одбрани еден пенал во рулетот за пласманот во полуфинале, а против Аргентина прими три гола, но одбрани уште неколку за да не се случи бродолом на „коцкестите“. Претходно фати три пенали со Јапонија во осминафиналето и во групите прими само еден гол во три меча. Па, Динамо според информациите од Хрватска веќе одредил дека без 15 милиони евра не седнува на преговори, а може да издејстува и до 20 милиони евра за трансфер.
Наводно Лацио летоска бил заинтересиран да го купи, една година претходно и Милан, а се интересирале и француски клубови, а изминативе денови и Баерн Минхен, кој многу внимателно го следи и не се откажува од обидот за ангажман, според последните најави на „Скај Германија“. Но, после блесокот на Мундијалот, листата на заинтересирани и тоа како ќе се зголеми, но сега Динамо е во предност зашто нема да инсистира да го продава, туку ќе лицитира кој даде повеќе – тој ќе го земе.
Ова е веќе позната пракса, па Ливаковиќ најбрзо на лето и тоа како ќе ја наполни касата на „модрите“, како што досега еден куп ѕвезди донесоа огромни приходи за доминантниот хрватски првак.
Интересно е што „модрите“ ќе одат по стариот добар рецепт, да обезбедат и одлична заработка веднаш, ама и со процент од следниот трансфер како во случајот со Јошко Гвардиол, од кого сега чекаат помеѓу 14 и 16 милиони евра.