Шпанскиот репрезентативец Дани Олмо уште на дебито за Барселона стана херој откако го постигна победничкиот гол за каталонскиот гигант за триумф против Рајо Валјекано (1-2) на гости во Мадрид.
Дани Олмо доби асистенција од Ламин Јамал и успеа со извонреден удар да погоди во спротивниот агол во 82.минута. Тој влезе во игра на почетокот на второто полувреме, кога Барса имаше негатива од 0-1.
Педри успеа да израмни во 60.минута и го најави пресвртот, а Унаи Лопез во деветтата минута од дуелот донесе предност за Рајо Валјекано.
Одбраната на домашниот тим почна да ја губи концентрацијата и Барса лесно создаваше шанси, па Педри израмни на 1-1 на асистенција од Рафиња, откако остана сам на десетина метри од голот на Рајо. Во 71. минута погоди и Левандовски, но главниот судија го поништи голот по прегледувањето на ВАР снимката поради наводен фаул од Кунде на почетокот од акцијата иако е впечаток дека такво нешто не постоеше.
Сепак, тоа што ѝ беше одземено на Барса, го врати Дани Олмо во своето деби за матичниот клуб. Шпанскиот репрезентативец влезе во игра на почетокот од второто полувреме на местото на Феран Торес и во 82. минута го комплетираше пресвртот на својот тим.