Кошаркарите на Далас маверикс лесно и убедливо, на домашен терен, го совладаа незгодниот Портланд трејлблејзерс (130-110), во меч во кој одново блескаше Лука Дончиќ, кој беше нејзаслужен за триумфот на неговиот тим.
Словенецот средбата ја заврши со 33 поени, шест скока и девет асистенции, додека огромна помош имаше од Крис Вуд, кој реализира еден поен помалку. „Телињата“ клучната предност ја обезбедија со фантастичната игра во вториот и во третиот период, кои ги добија со дури 79-53. Демиан Лилард со 24 поени беше најпрецизен кај „пионерите“ од Орегон. Ова беше втора победа во последните пет меча за Далас, а прв пораз по трите успеси во низа за Портланд.
Второто дерби на вечерта му припадна на ЛА Лејкерс, кој на домашен терен го совлада Денвер нагетс (126-108). Предводници на „езерџиите“ беа Леброн Џејмс со 30 поени и Расел Вестбрук со трипл-дабл ефект со 15 поени, 11 скока и 12 асистенции, но триумфот беше скапо платен поради повредата на Ентони Дејвис во првото полувреме, кој поради проблемите со десната нога мораше предвреме да замине во соблекувалната. Јокиќ беше на чекор до нов трипл-дабл со 25 поени, 11 скока и осум асистенции, но тој и соиграчите не успеаја да го сопрат налетот на Лејкерс во клучната последна четвртина (33-20).
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Атланта 106-125, Детроит – Сакраменто 113-122, Бостон – Орландо 109-117, Кливленд – Индијана 118-112, Филаделфија – Голден Стејт 118-106, Торонто – Бруклин 116-119, Чикаго – Њујорк 91-114 и Оклахома – Минесота 110-112, Далас – Портланд 130-110, ЛА Лејкерс – Денвер 126-108.