Лигата на шампионите, најелитното клупско натпреварување на УЕФА понуди незаборавни моменти и резултати, и епски триумф на Реал Мадрид. Возбудливо беше и во Лига Европа која ја освои Ајнтрахт Франкфурт, а Жозе Мурињо на Рома ѝ донесе меѓународен трофеј по пауза од четириесет години, откако „волчицата“ триумфираше во новото натпреварување – Конференциската лига.
„Кралевите“, предводени од Карло Анчелоти, ја освоија својата 14-та титула во ЛШ. Иако на патот до големиот успех пред себе имаа неверојатно моќни противници, избраниците на италијанскиот стратег ја режираа можеби најлудата сезона во елитното натпреварување. Откако во групата забележа неочекуван пораз од Шериф, Реал во елиминационата фаза елиминира четири гиганти, од кои три од Премиер лигата. И тоа скоро загубени натпревари во финишот успеа да стигне до добитна комбинација.Прва пречка му беше ПСЖ на Меси, Мбапе и Нејмар, потоа елиминиран беше Челзи, па најголемиот фаворит за трофејот Манчестер Сити, додека во големото финале во Париз совладан беше Ливерпул со минимални 1-0. Така, Реал Марид обележа уште една неверојатна сезона во Лигата на шампионите, додека неколку „кралеви“ како Модриќ, Kрос Карвахал, Каземиро… го освоија петтиот трофеј.
Бројни возбудувања и изненадувања имаше и во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лига Европа. Актуелен освојувач е Ајнтрахт Франкфурт кој во големото финале по изведувањето на пеналите го совлада Глазгов Ренџерс. Германскиот тим имаше незаборавна сезона, во четвртфиналето ја елиминира големата Барселона, додека во битката за финале извојува две победи над фаворизираниот Вест Хем. Во финалната средба трагичар беше Арон Рамзи, кој не реализираше во пенал-серијата, а херојот на германскиот тим, голманот Кевин Трап по натпреварот даде интересна изјава и рече дека „освојувањето на овој трофеј е поубаво од сексот“.
Во 2022 година се одигра и премиерното финале од Конференциската лига – третото клупско натпреварување на УЕФА. Прв освојувач е екипата на Рома, која што во финалето беше поуспешна од Феенорд и славеше со 1-0.
Со овој триумф предводникот на „волчицата“ Жозе Мурињо ја продлабочи својата легенда, бидејќи за него ова беше петто европско финале и петта победа, со што стана единствениот тренер со трофеи во сите три активни натпреварувања на УЕФА.