Македонската ракометна репрезентација во Пореч ќе ги одигра последните две пријателски средби на подготовките за СП во Шведска и Полска.
Прв противник на Кирил Лазаров и неговите ракометари е селекцијата на Хрватска. Домаќинот ќе има поддршка од своите навивачи, за оваа средба сите билети се распродадени, а дуелот е закажан во 20:15 часот.
Македонија на овој натпревар, како и утрешниот против Израел во рамките на „Кроација Купот“ ќе биде без левиот бек Филип Талески, кој го повреди скочниот зглоб пред неколку дена, како и без Никола Митревски. Искусниот голман доби дополнителна поштеда од Лазаров. На списокот на ракометари кои не отпатуваа за Хрватска не се најде ниту Цветан Кузманоски.
Нашите ракометари во недела треба да се вратат во Скопје каде ќе останат уште три дена, по што на 11 овој месец ќе заминат за Краков, градот домаќин на нашата група. На стартот на Мундијалот, ќе ги одмериме силите со Норвешка (13.01), два дена подоцна е дуелот со Холандија, додека на 17. јануари е мечот против Аргентина. Првите три репрезентации од секоја група ќе се пласираат во главната рунда, последнопласираната ќе игра Президент Куп.