Македонската ракометна репрезентација стартува на СП во Полска и Шведска со дуелот против Норвешка, вечерва од 20.30 ч. Иако сме аутсајдери на хартија, против селекција двоен светски вицешампион во последниве шест години, имаме право да се надеваме на добар резултат.
Македонскиот селектор Кире Лазаров кажа дека е лесно кога немате што да загубите, а можете многу да добиете. Со млад и перспективен тим, кој има самодоверба, ќе влеземе во дуелот со Норвежаните без калкулации.
„Подготвени сме за Светското првенство. Во првиот натпревар играме со Норвешка, репрезентација за за која не треба да се зборува многу . Играше во финалињата на Мундијалите во 2017 и 2019 година, не успеаја да ги освојат, дојдени се да направат голем резултат, сакаат златен медал. Сметам дека во спортот секогаш треба да се верува во нешто невозможно. Денеска и ние сме во таква позиција, не можеме да загубиме ништо, а можеме да добиеме многу. Има доста прашања дали ќе се штедиме, ние ќе одиме од стартот максимално и ќе се обидеме да одиграме еден квалитетен натпревар и ќе видиме до каде можеме, изјави Лазаров.
Конечниот состав кој ќе излезе на мегдан со Норвешка ќе се знае подоцна денес, но евидентно е дека ќе има многу млади, дури и сите седум дебитанти.
„Сакам да нагласам дека оваа репрезентација и досега направи многу, за првпат победивме два баражи против квалитетни противници( Чешка и Романија). И покрај сите скептици, успеавме да го задржиме континуиетот на големите собири. Успеавме да се пласираме на СП, а на чекор сме и до пласман на ЕП. Одиме чекор по чекор, резултатите можат да дојдат побргу или подоцна. Што и да се случи, мора само да одиме по нашиот пат. Играме со седум дебитанти на ова СП и треба да бидеме внимателни“, додаде селекторот.
Македонија в недела ќе игра против Холандија, а во вторник со Аргентина.